Животно Осигурување,  МСФИ 17,  Неживотно Осигурување

МСФИ 17 Групирање на договори: Практична рамка во 3 чекори за осигурителните компании


Што всушност претставува групирањето на договорите според МСФИ 17?

Замислете некој да ви даде 50.000 активни договори за осигурување и да ви каже: „Групирајте ги според МСФИ 17“. Од каде воопшто да почнете? Тоа е предизвикот со кој денес се соочуваат многу осигурителни компании низ нашиот регион. Ако го следите нашиот серијал за МСФИ 17, веќе ја знаете пошироката слика — „што“ и „зошто“ претставува овој трансформативен стандард. Во претходниот текст (Подгтовете се за МСФИ 17), ја претставивме новата логика на мерење која го менува начинот на кој осигурителите ги признаваат приходите и добивката. Сега е време да ги засукаме ракавите и да се позанимаваме со она „како“.

Реалноста е следна: забележав дека осигурителните компании често се мачат со групирањето на договорите. Некои се обидуваат да го поделат своето портфолио на 47 групи, само за на крајот да откријат дека многу од нив всушност не се ни потребни! Од друга страна, некои ги поедноставуваат работите премногу и спојуваат буквално сè, што може да доведе до тоа да ги пропуштат виталните знаци за профитабилноста. Двата пристапа носат свои предизвици, па наоѓањето на „златната средина“ е клучно!

Зошто групирањето е толку важно? Затоа што тоа одредува како се пресметува вашата маржа за договорни услуги (CSM), како се појавува добивката со текот на времето, како изгледаат финансиските извештаи, па дури и како менаџментот ја толкува профитабилноста на производите. Во овој водич ќе поминеме низ практична рамка во три чекори за групирање на договорите за осигурување, илустрирана со реални примери од балкански осигурителни компании, и ќе ги истакнеме вообичаените замки и како да ги избегнете. На крајот, ќе знаете точно како да ги поставите вашите групи на начин што е во целосна согласност со МСФИ 17.


Зошто е важно групирање на договорите

Според МСФИ 17, договорите за осигурување ниту се мерат поединечно, ниту се спојуваат на ниво на целото портфолио. Наместо тоа, мерењето се врши на ниво на група — тоа е „вистинската мерка“ каде што договорите споделуваат слични карактеристики на ризик и профитабилност.

Ајде да разјасниме зошто е тоа важно.


Следење на профитабилноста: Претходно, профитабилните договори можеа тивко да ги субвенционираат оние што прават загуби. МСФИ 17 ја елиминира таа зона на комфор. Секоја група мора да ја одразува сопствената очекувана профитабилност, откривајќи ја вистинската економска слика на вашето портфолио. Според МСФИ 4, осигурител со коефициент на штети од 30% на имот околу реки (Дунав, Сава итн.) и 15% на стандардни станбени објекти можеше да ги спои во една збирна бројка. Според МСФИ 17? Секоја група раскажува своја приказна. Нема повеќе криење на лошите резултати зад добрите.

Маржа за договорни услуги (CSM): Секоја група добива своја сопствена CSM „кошничка“. Тоа значи посебни обрасци за признавање на добивката за секоја група. Начинот на кој ги дефинирате тие групи директно влијае на тоа кога и како добивката се ослободува во текот на траењето на договорите. Размислете за ова: група за осигурување на моторни возила од 2024 година со очекувана маржа на профит од 20% ќе ја ослободува CSM поинаку од група од 2025 година со маржа од 12% — дури и ако станува збор за ист производ.

Презентација и обелоденување: Финансиските извештаи сега прикажуваат посебни приходи од осигурување и движења на CSM по групи. Транспарентното групирање ја подобрува довербата кај инвеститорите и споредливоста меѓу осигурителните компании. Засегнатите страни конечно можат да видат кои делови од вашиот бизнис создаваат вредност.

Увид за менаџментот: Групирањето им дава на осигурителите нова видливост за тоа кои производи, групи или сегменти навистина додаваат вредност. Одлуките за цените, преземањето ризик (underwriting) и дизајнот на производите стануваат засновани на податоци, а не на интуиција. Земете го примерот на мал осигурител со 10.000 полиси за возила. Според МСФИ 4, една збирна бројка за профитот. Според МСФИ 17: минимум 6 групи (3 годишни групи × 2 кошнички на профитабилност), секоја со посебно следење на CSM. Тоа е транспарентност во акција.

Да бидеме јасни што подразбираме под различни карактеристики на ризик. Земете го осигурувањето од автоодговорност (MTPL) наспроти осигурувањето на имот:

  • MTPL – Покривање на одговорност. Вашиот ризик е штета нанесена на трети лица (материјална штета на нивното возило или телесни повреди). Штетите можат да бидат огромни, се развиваат со различна брзина и често бараат реосигурување.
  • Имот – Покривање на имотот. Вашиот ризик е оштетување на осигурените згради или содржини. Штетите обично се решаваат побрзо, со поинаква динамика и структури на реосигурување. Ова се суштински различни ризици, иако и двата вклучуваат „штета“. Затоа мора да бидат посебни портфолија.

Рaмка за групирање во три чекори

Ајде да го разложиме практичниот пристап за групирање договори. Ова е постепен процес — мора да го завршите секој чекор пред да преминете на следниот.

Чекор 1: Дефинирање на портфолија

Договорите се групираат:

  • Според вид на производ: животно, неживотно или здравствено
  • Според основен ризик: моторни возила, имот, одговорност, здравство итн.
  • Според менаџерска одговорност: бизнис единици или линии на производи

Една осигурителна компанија би можела да дефинира автоодговорност (TPL) како едно портфолио, а осигурување на имот како друго. Моторни возила + Имот заедно? Не е дозволено — различни се ризиците, моделите на цени, обрасците на развој на штетите структурите на реосигурување.

ПРАКТИЧЕН СОВЕТ: Ако сте во помала осигурителна компанија, започнете со само неколку линии на производи. Избегнувајте прекумерно комплицирање! За тим од 20 луѓе, управувањето со 15 различни портфолија може да биде преоптоварувачко. Запомнете, секогаш можете да ја прилагодувате и усовршувате вашата стратегија како што напредувате!

Чекор 2: Дефинирање на годишни групи

Откако ќе се дефинираат портфолијата, договорите мора да се групираат во годишни групи — збирови на договори издадени во рамките на една календарска година. Договори издадени со разлика поголема од една година не можат да бидат во иста група.

КЛУЧЕН ПРИНЦИП: Годишните кохорти се задолжителни. Никогаш не можете да групирате договори издадени во разлика поголема од една година. Без исклучоци. Зошто е ова важно?

  • Спречува вкрстено субвенционирање меѓу постарите и поновите договори.
  • Ја одразува економската реалност: Пазарните услови и стратегиите за цени се менуваат секоја година.
  • Го поедноставува обелоденувањето: Анализата на трендовите е појасна кога кохортите се разделени.

Битен детал: групите се дефинирани според датумот на почетно признавање, а не според датумот кога договорот е првпат потпишан. На пример, полиса за возило издадена во јуни 2024 и обновена во јуни 2025 спаѓаат во две различни групи.

Напомена: Ако вашиот систем не ја означува автоматски годината на групата, повеќе од извесно е дека ова може да биде ревизорскиот наод. Поставете ја автоматизацијата ВЕДНАШ.

Чекор 3: Проценка на профитабилност

Во рамките на секоја годишна група, МСФИ 17 бара поделба во три задолжителни кошнички според очекуваната профитабилност:

Група 1: Штетни (загубни) договори (Onerous): Загубата се признава веднаш во Билансот на успех. CSM е нула и се следат посебно засекогаш. Пример: полиса во област со висок ризик од поплави каде очекуваните штети и трошоци (на пр. 680 €) се повисоки од премијата (500 €).

Група 2: Без значителна можност да станат штетни: Ова се стабилни производи со висока очекувана маржа (обично >20%) и ниска нестабилност на штетите.

Група 3: Преостанати договори (Сива зона): Умерени маржи на профит (5-15%) или нови линии на производи со малку податоци. Бараат редовен квартален мониторинг бидејќи еден „лош“ период може да ги сврти во негатива.

Разбирање на „значителна можност“

МСФИ 17 намерно не го дефинира овој поим, оставајќи го на проценката на менаџментот. Затоа мора да имате јасни, документирани критериуми засновани на историската нестабилност, зрелоста на производот и квалитетот на преземање ризик.

Документирајте ги вашите критериуми за профитабилност пред крајот на годината. Последователните оправдувања ретко поминуваат низ ревизорски преглед. Вообичаените барања и очекувања на ревизорот вклучуваат следново:

  • Јасно дефинирани критериуми,
  • Квалитативна анализа, која е основа на секоја одлука за групирање,
  • Одобрување од менаџментот за применето групирање,
  • Дополнителна документација кога и како се донесени одлуките за групирање,
  • Документација што вклучува рационализација и објаснување на користените проценки и претпоставки.

Сега имате рамка, време е за имплементација

Сега имате рамка од три чекори: Портфолио групи, Годишни групи и Групи за профитабилност. Но, познавањето на рамката е само половина од битката. Вистинскиот тест доаѓа за време на имплементацијата, со системски ограничувања и кратки рокови.

Во вториот дел од оваа серија, ќе се нурнеме во пет од најчестите стапици и црвени знамиња што предизвикуваат загриженост кај ревизорот.

💬 Прашања досега? Оставете коментар или контактирајте не директно.

This post is also available in: English srpski

My mission is to pass on the knowledge and experience I’ve gained to the generations stepping into their own challenges. I want them to be stronger, wiser, and more successful than we were. Because the future belongs to the young — and it is our responsibility to help them shape a world that is better for all of us.